Како да се замени Велко Маркоски – кога се нема искуство, мора со мотивација

Македонија ги привршува подготовките за ЕП 2020, а сериозен удар за нашиот национален тим дефинитивно претставува повредата на Велко Маркоски. Тој со години наназад важеше за столб во одбраната на македонската репрезентација, но повредата на окото е премногу сериозна за да се ризикува со негов настап, барем во првата фаза од шампионатот. Проблемот за стручниот штаб е голем, а со самото тоа и предизвикот за помладите ракометари да го заменат Велкоски.

„Јасно е колкав проблем е отсуството на Маркоски, но исто така сите се свесни дека тоа може да се надополни само со максимално залагање и создавање на силен колектив во одбраната. Факт е дека оние играчи кои ќе го заземат неговото место немаат преголемо искуство, но сето тоа може да се надополни со мотивација, со жар во играта и жестока борба за секоја топка на теренот“ – вели селекторот Данило Брестовац.

Еден од оние кои ќе треба да преземат дел од товарот е и младиот Марко Мишевски, кој се прикажа во добро светло на натпреварите на кои настапи, се до повредата на финалето од турнирот во Романија.

„Мишевски функционираше добро на тие средби, но тој е само една од опциите. Тука е и Никола Маркоски, за кого во одбраната се природни тие позиции „три“ и „четири“, ќе се обидеме и со Талески и со Кузмановски во одредени делови од натпреварите. Имаме различни варијанти, но пресудно ќе биде ракометарите да дадат се од себе на теренот и со максимална ангажираност да го надополнат неиграњето на Маркоски“ – истакнува кормиларот на нашиот национален тим.

Се вчитува...