„Бомбата“ Хорват беше „детонирана“ за помалку од 48 часа

Преговорите за ангажман на врвни засилувања вообичаено траат долго, но Металург изненади многумина со експресното комплетирање на трансферот на Златко Хорват како огромно засилување за наредната сезона. „Јавна тајна“ беше дека тимот од Автокоманда е заинтересиран за Гоце Георгиевски, а изборот на македонскиот репрезентативец се преселба во Вардар се покажа како „џек-пот“ за Металург – бидејќи беше донесен ракометар со поголемо реноме и квалитети.

„Јасно ни беше дека имаме проблем на позицијата десно крило, каде го имаме само Мице Шилегов, а од неколкуте имиња на листата најреномирано дефинитивно беше она на Златко Хорват. Знаевме само дека му е истечен договорот со Загреб, јасно ни беше дека цел живот играл само за овој клуб, но сепак решивме да си ја пробаме среќата. Го контактиравме неговиот менаџер и му понудивме услови какви што сметавме дека заслужува. Наредниот ден имавме контакт со самиот ракометар, јас како претседателка и Зоран Кастратовиќ како тренер, при што му го презентиравме нашиот клупски проект. Не чекавме многу на одговор, а секако дека бевме пресреќни кога тој се согласи да дојде во Металург“, вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Како што вели Блажевска, во клубот најмногу се импресионирани од професионализмот што Хорват го покажал во самите преговори, што е најава за беспрекорна соработка во следниот период.

„Буквално се беше средено за помалку од 48 часа. Ние го понудивме она што го сметавме за праведно, немаше пазарења за ситници какви што има во многу други ситуации. Хорват сакаше да знае повеќе работи за начинот на функционирање на клубот, откри дека слушнал добри работи за атмосферата во екипата, за начинот на работа и дека тоа му помогнало да ја донесе одлуката. Нас ни е чест што носиме ракометар со такво реноме, што е доказ за амбициите со кои влегуваме во наредната сезона. Ни останува уште да го решиме проблемот со позицијата среден бек, со оглед на желбата на Бразилецот Тешеира да остане во Романија иако потпиша едногодишен договор со нас. Како и да е, ги остваруваме најавите дека Металург ќе има максимално конкурентен тим за наредната натпреварувачка сезона. Штом се стабилизира состојбата со коронавирусот и се отворат границите, ќе организираме прес-конференција на која ќе ги претставиме сите наши засилувања“, најавува Блажевска.

Се вчитува...