Како по обичај: Ракометарите мора да бегаат од „Борис Трајковски“ поради концерти на турбо-фолк ѕвезди

Подготвувајќи се за настапот на Светското првенство во Германија и во Данска, машката ракометна репрезентација некако како по обичај мора да се сели од сала во сала поради одредени „поприоритетни активности“ и тоа како „важни“ за македонската општествена сцена.

Денеска и утре избраниците на Раул Гонзалес место во спортската сала „Борис Трајковски“ своите тренинзи ќе ги одработат во спортската сала во Автокоманда поради концертот на српските турбо-фолк ѕвезди, Аца Лукас, Милица Павловиќ и Пеџа Меденица, кој ќе се одржи на 29. декември во СЦ „Борис Трајковски“. Сцената за наведениот утрешен концерт мораше да се подготвува уште од денеска па ракометарите се преселија во Автокоманда.

И минатата година, пред подготовките за ЕП во Хрватска, ракометарите мораа да ги менуваат салите поради одржување конгреси на политички партии.

Од 30. декември па до 1. јануари македонските репрезентативци ќе добијат слободни денови за новогодишните празници, па потоа од 2. јануари повторно ги продолжуваат подготовките за Светското првенство. За 4. и 5. јануари се предвидени два пријателски натпревари против селекцијата на Србија, по што на 8. јануари се заминува за Германија.

Се вчитува...