Како во старите времиња: Металург и Вардар „бркаат“ ист ракометар

Металург и Вардар долги години водеa жестоки битки за трофеи на македонската ракометна сцена, потоа следеше голем пад на тимот од Автокоманда и скок до врвот на европскиот ракомет на „вардарци“, но летово ситуацијата повторно потсетува на онаа од пред десетина години, кога големите ривали водеа битки на теренот, но и надвор од него во трките за потпис на македонските репрезентативци.

Таков е случајот и сега, откако Металург реши да му се приклучи на Вардар во трката за ангажман на Гоце Георгиевски. Десното крило важи за „дете на Металург“, најдобрите партии во кариерата ги прикажа во дресот на овој клуб, а од „Автокоманда“ си замина во периодот на најголема криза на Металург, најпрвин во француски Тулуз, по што последните неколку сезони ги мина во ЧСМ Букурешт во Романија.

Вардар веќе оствари првичен контакт во обид да го доведе Георгиевски, но до крајот на неделава истото ќе го стори и амбициозната управа на Металург, во желба токму со овој трансфер да најави враќање во битката за трофеи на домашната сцена. „Металурзите“ доведоа две квалитетни засилувања во Рниќ и Канкараш, но доколку успеат да го доведат и Георгиевски „пред носот“ на Вардар, тоа ќе биде јасна порака до ривалите дека тимот од Автокоманда не само што се консолидира, туку и е подготвен за нов атак на највисок пласман.

Воедно, се очекува во следните денови да се седне на маса со уште еден репрезентативец, Велко Маркоски, кому ќе му биде понудено да се продолжи соработката откако минатата сезона тој се врати назад во Металург, а понуда за нов договор ќе добие и крилото Поповиќ, Црногорецот кој одигра одлична сезона по трансферот од Пелистер.

Се вчитува...