Каков луд меч: Кил е во финалето, продолжува „клетвата“ на Веспрем

Кил е тимот што ќе ја предизвика Барселона во големото финале од Лигата на Шампионите, откако „зебрите“ во супердраматично полуфинале славеа над Веспрем со 36-35, по продолженија од двапати по 15 минути. Германскиот првак прокоцка „плус седум“ од првото полувреме, потоа имаше и „минус четири“, се врати од оваа негатива, се избори за продолженија, за потоа со голот на Екберг да стигне до пласман во големото финале. Дејан Манасков и Веспрем имаат за што да жалат, пропуштена е уште една шанса за унгарскиот гигант да се бори за тронот на европскиот ракомет и единствениот пехар што недостига.

Веспрем уште на самиот почеток се соочи со проблеми да ја скрши одбраната на Кил, па првиот погодок за унгарскиот првак го постигна Борозан дури во шестата минута. Екс-ракометарот на Вардар беше единствениот расположен во нападот, а кога и тој за момент затаи, Кил почна да ја „билда“ својата предност. Унгарците цели 10 минути беа без постигнат гол во вториот дел од првото полувреме, период што германскиот првак го искористи за да поведе со најубедливи 17-10. На полувреме се замина со водство на Кил од 18-13, но „зебрите“ заминаа на одмор со две исклучувања, значително ослабени влегувајќи во второто полувреме.

Кил го издржа притисокот на Веспрем на почетокот од второто полувреме и со двајца играчи помалку, но Унгарците заиграа фанатично во одбраната, ги намалија грешките во нападот, успевајќи целосно да се вратат во мечот. Дувњак постигна два гола во низа кога нападот на Кил целосно затаи, но Борозан имаше свој ден, па Црногорецот со својот шести гол донесе израмнување од 24-24 во 46. минута од натпреварот. Кризата на „зебрите“ се продлабочи, Коралес продолжи со одличните интервенции, Пекелер промаши зицер од пивот, а Маргуч и Лекаи донесоа водство од 26-24 за Веспрем.

Во гол-шоуто на Унгарците се вклучи и нашиот Дејан Манасков со својот втор гол, за предност од 27-24, потоа македонскиот реперзентативец одлично изреагира и во одбраната и даде значаен придонес во овој полуфинален дуел. Јиха задоцни со вториот тајмаут, па откако „зебрите“ потонаа во предлабока криза, зеде минута одмор дури откако неговиот тим се најде во негатива од четири гола (28-24). По тајмаутот следеше исклучување на Мораеш, па Германците ја искористија предноста од играч повеќе за конечно да постигнат гол по нецели осум минути. И потоа – огромен пад на концентрацијата, во наредните 60 секунди Веспрем двапати ја загуби топката, по што Кил даде два брзи гола во празна мрежа и предноста од четири експресно падна на само еден гол разлика (28-27).

Јиха тргна храбро, па при 28-28 на пет минути до крајот тргна со „седум на шест“, ситуација што Сагосен ја реши со гол за ново водство (29-28 за Кил). Давид Дејвис не зеде тајмаут и покрај немоќта на неговиот тим и петте примени гола во низа, за на крајот да побара минута одмор на три минути до крајот, при опасност за пасивен напад на Веспрем. Ландин го одбрани ударот на индиспонираниот Ненадиќ, но на спротивната страна Манасков реагираше фантастично почнувајќи контра што Јахија ја претвори во гол за израмнување (29-29) на две минути до крајот. Коралес повторно блесна, запирајќи го ударот на Зарабец, па Веспрем имаше напад за победа на почетокот од 60. минута. И кога беше најважно, Дувњак ја украде топката од Јахија, овозможувајќи Кил да ги има последните 30 секунди од овој супердраматичен натпревар. Сагосен ја презеде одговорноста, но Коралес со својата 15. интервенција го запре норвешкиот ас и го одведе ова полуфинале во продолженија.

Вајнхолд ја презеде одговорноста во нападот на Кил, но проблемите на „зебрите“ се зголемија откако Винчек заработи црвен картон поради намерно поместување при налетот на Маргуч. Веспрем го искористи тоа и преку Ненадиќ поведе со 34-32, со звукот на сирената на крајот од првото продолжение. Пекелер блесна со два гола за експресно израмнување од 34-34, откако Ландин на спротивната страна го запре обидот на Дејан Манасков. Пресвртот беше комплетиран кога Екберг погоди од „втор пивот“ за 34-35, но Мае возврати од пенал, па во последните 90 секунди се влезе со израмнети 35-35.

Благотиншек доби исклучување, а Екберг погоди од тежок агол за водство од 35-36 на триесетина секунди до крајот. Веспрем го имаше последниот напад за израмнување, но Кил успеа да се одбрани и да го обезбеди пласманот во големото финале, против Барселона.

Пекелер беше најефикасен кај Кил со осум гола, додека седум погодоци од исто толку обиди постигна херојот Екберг. Кај Веспрем најефикасни беа Маргуч и Борозан со по седум погодоци, а Дејан Манасков го заврши полуфиналето со два гола од вкупно четири шутеви.

Се вчитува...