Каков шок на „Вембли“ – „Волците“ го изедоа Тотенхем

Вулверхемптон приреди големо изненадување во дваесеттото коло од Премиер-лигата откако вечерва како гостин го совлада Тотенхем со 1-3. „Спарси“ со серијата победи се искачија на второто место на табелата, но надежите дека ќе ја намалат негативата во однос на Ливерпул паднаа во вода по очајното второ полувреме во кое Љорис три пати ја вадеше топката од својата мрежа. Првиот дел мина во знакот на Хари Кејн и евро-голот што капитенот на Тотенхем го постигна на воодушевување на домашните фанови на „Вембли“.

Тотенхем водеше се до 72. минута, кога Боли се снајде најдобро по еден корнер и со удар со глава ја затресе мрежата на „спарси“. Домаќините се отворија обидувајќи се повторно да стигнат во водство, но наместо тоа „волците“ постигнаа уште два гола, преку Хименез и Коста, за извонредна победа на повратникот во Премиер-лигата.

Фулам во директната битка за опстанок го совлада Хадерсфилд со 1-0, благодарение на голот што во 90. минута го постигна Александар Митровиќ, откако претходно тимот на Клаудио Раниери во 81. минута не реализираше пенал преку Камара.

Лестер во минатите две кола ги изненади Челси и Манчестер сити, но „лисиците“ денеска на домашен терен загубија од Кардиф 0-1. Медисон е трагичарот по промашениот пенал во 71. минута, пред Камараса во 92. минута да им донесе огромна радост на гостинските фанови.

Резултати Англија:

Брајтон – Евертон 1-0, Фулам – Хадерсфилд 1-0, Тотенхем – Вулверхемптон 1-3, Лестер – Кардиф 0-1, Ватфорд – Њукасл 1-1.

 

Се вчитува...