Каков врвен тенис – Тим му зеде мерка и на Ѓоковиќ

Доминик Тим е најпријатно изненадување на стартот од АТП шампионатот откако по Роџер Федерер, австрискиот тенисер вечерва го преслуша и Новак Ѓоковиќ. Тим покажа карактер, се врати од негатива од 0-1 во сетови и стигна до голема победа со која си го осигура и пласманот во полуфиналето од завршниот турнир.

Првиот сет мина во израмнета битка, Ѓоковиќ направи брејк, но Тим веднаш возврати, по што двајцата тенисери умешно го бранеа сопствениот сервис. Во тајбрејкот поумешен беше Србинот, кој одигра посмирено во клучните моменти и триумфираше со 7-5. Тоа не го исфрли од ритам Тим, кој заигра многу подобро во продолжението од мечот.

Веќе на самиот старт од вториот сет австрискиот тенисер направи брејк, по што и покрај обидите на Новак за камбек, Тим успеа да израмни на 1-1 (3-6). И третиот сет почна идентично како и вториот, со брејк на Австриецот при првиот сервис-гејм на Ѓоковиќ. Српскиот тенисер имаше три шанси за веднаш да возврати, не ги искористи, но Ѓоковиќ беше многу подобар при 2-3, кога успеа да стигне до брејк и да го израмни резултатот. Во завршницата прв потклекна Србинот, кој при 5-5 го загуби сервисот без притоа да освои ниту еден поен. Тим наместо да финишира и да стави печат, влезе во серија на неизнудени грешки и му овозможи на Ѓоковиќ да се врати, па решавачкиот сет беше одлучен со тајбрејк.

Австриецот целосно ја имаше загубено самодовербата, со две неизнудени грешки на мрежа и една двојна сервис грешка му овозможи на Ѓоковиќ рано водство од 3-0. И кога делуваше отпишано, Тим успеа да се врати, од 1-4 за противникот направи целосен пресврт и поведе со 6-4, за на крајот да триумфира со 7-5.

Доминик Тим со овој триумф го осигура не само пласманот во полуфиналето, туку и првото место во групата, додека за втората позиција во директен дуел ќе решаваат Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер.

Се вчитува...