Какруки и Димитриовски од ФМП во Работнички

Валмир Какруки и Љубиша Димитриовски во следната сезона ќе го носат „црвено-белиот“ дрес на Работнички. Двајцата кошаркари кои претходната сезона ја поминаа во редовите на Академија ФМП ќе бидат дел од новиот проект на нашиот најтрофеен тим кој во следната сезона ќе има целосно променет изглед.

21-Годишниот Какруки во составот од Кисела Вода имаше споредна улога и натпреварите ги започнуваше од клупата. На 23 одиграни средби претходната сезона бележеше просек од 4.1 поен и 2.6 скока за нешто повеќе од 13 минути поминати на паркетот.

Слично и како Какруки, 19-годишниот Димитриовски беше трета опција во нападот со просек од нешто повеќе од седум минути поминати на паркетот за кои бележеше три поени и еден скок на 21 одиграна средба.

Овие двајца ќе бидат само дел од младите играчи на кои новиот тренер Тони Симиќ ќе може да смета за престојната сезона. Клубот во следниот период ќе ги осигура договорите и со дел од играчите од селекцијата под 18 години која претходната сезона го освои јуниорското првенство на Македонија.

Како потсетување, претходно нашиот најтрофеен тим ги доведе Јован Александровски и Горјан Марковски од домашните играчи, како и странците Ромен Луизер и Бенџамин Робертс Дрејк.

Се вчитува...