Каква драма во Кавадарци: Чаир по голема битка го совлада Еуро Никел

Кошаркарите на Чаир експресно го оставија зад себе поразот од шампионот МЗТ Скопје, па вечерва по голема битка го совладаа Еуро Никел, и тоа на гостински терен во Кавадарци со резултат 92-93, по продолжение од пет минути. Скопскиот тим беше блиску во регуларниот дел да ја осигура победата, прокоцка триумф во последните секунди, но во драматична завршница во продолжението со поените на Далгер стигна до победа која е многу значајна во трката за четвртото место на табелата.

Двете екипи се менуваа во водство во овој израмнет дуел, во кој супердаматични беа последните две минути од регуларниот дел. Кога Чаир поведе со 72-80 се чинеше дека гостите ќе стигнат до победата, но Еуро Никел најде начин благодарение на Дубински (две тројки за дваесетина секунди) да се врати. Домаќините израмнија на 80-80, по што Какруки реализираше и го врати Чаир во водство. При 80-82 Соколов имаше две слободни фрлања, ги промаши двете и кога се чинеше дека гостите сигурно ќе триумфираат бидејќи имаа предност и напад, дојде до нова катастрофална грешка. Имено, пред изведувањето на аутот во половината на кавадарчани еден гостински кошаркар направи лична грешка што беше окарактеризирана како намерна, па Еуро Никел со двете слободни фрлања на Смит Мекоувен го одведе мечот во продолженија.

Во дополнителните пет минути повторно се играше израмнето и повторно Чаир ја имаше победата во свои раце. По двете тројки на Рашути гостите поведоа со 90-92 и имаа напад на триесетина секунди до крајот. Какруки направи чекори и им ја подари топката на домаќините, кои го искористија подарокот и со тројката на Дарко Соколов поведоа со 93-92. Драмата на крајот сепак беше со хепиенд за гостите од Скопје, откако Далгер погоди за 93-94, за точка на оваа суперинтересна средба.

Галовеј со 30 поени беше главна фигура во победничкиот тим, херојот Далгер го заврши мечот со 20 поени, додека Какруки реализираше 22 поени и осум скокови. Во таборот на Еуро Никел најзабележителни беа Дубински со 28 и Соколов со 21 поен, недоволно за да се слави во овој значаен натпревар.

Се вчитува...