КАКВА ПОБЕДА ЗА ИСТОРИЈА: Циндрииииииќ… Барселона на колена! (ФОТО+ВИДЕО)

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Вардар запиша историја со првиот пласман во финале на Лига на шампиони на една македонска машка ракометна екипа откако на Ф4 во Келн славеше со 26-25 (13-12) против големата Барселона. Сето тоа на феноменален начин со извонредниот гол на Лука Циндриќ буквално во последната секунда од средбата.

„Црвено-црните“ влегоа нервозно во натпреварот, но откако ја надминаа почетната трема заиграа во своето препознатливо светло и го свртеа резултатот во своја полза. Очекувано, одбраната е главниот адут на „вардарци“, па откако примија девет гола во првите 17 минути, Штербик во преостанатите 13 минути само три пати ја вадеше топката од мрежата.

Вардар го почна мечот со загубена топка, по што Јиха тргна во контранапад и самиот реализираше за водство од 0-1. Борозан најчесто ја превземаше одговорноста во нападот, па по двата гола на Црногорецот резултатот по шест минути игра гласеше 3-3 (еднаш прецизен беше и Циндриќ). Раул Гонзалес во осмата минута ја смени формацијата од 6-0 во 5-1, со Канелјас како најистурен во зоната, воедно и менуваше тројца играчи напад – одбрана.

Vuko Borozan

Барса најде лек и за оваа одбранбена зона на „црвено-црните“, па во 10. минута каталонскиот гигант за првпат стигна до „плус два“ (4-6), пред Борозан да го постигне својот трет гол на мечот. Каталонците делуваа доминантно во првата половина од првото полувреме, поведувајќи со 5-8. Шанса за приближување се појави со исклучувањето на Виктор Томас, па „црвено-црните“ одговорија со два брзи гола на Душебајев и на Македа (7-8).

Серијата беше прекината откако две минути доби Чупиќ, по што Ривера од седум метри го совлада Штербик за водство од 7-9 на каталонскиот гигант. Борозан беше најдобриот поединец во ова прво полувреме, постигнувајќи нови два гола за 9-10, воедно и изнудувајќи исклучување од Сорендо. „Црвено-црните“ во овој период ја консолидираа одбраната, па преку Душебајев израмнија на 10-10. При 11-11 каталонците добија уште едно исклучување, овојпат на Ентрериос. Сепак, наместо гол следеше пробивање на еден ракометар на Вардар, по што во следниот напад на спротивната страна исклучен беше и Македа.

Кире Лазаров влезе во игра и промаши, а бидејќи Барса играше без голман, Карачиќ биеше прецизно во празната мрежа за прво водство на Вардар на оваа средба (12-11, 29. минута).

Кире Лазаров го погоди следниот шут за израмнување, по што Чупиќ реализираше уште еден пенал. При последниот напад Лазаров му „подари“ зицер на Сипжак, но Штербик со нова одлична интервенција се погрижи Вардар на одмор да замине со еден гол предност (13-12).

До крајот на ова финале остануваат уште 30 минути, но „вардарци“ по почетната трема подоцна покажаа дека во ништо не се инфериорни во однос на големата Барса, па со голема самодоверба ќе влезат во второто полувреме и битката за местото во големото финале.

Vardar - Barsa 7

На почетокот од второто полувреме, каталонскиот тим успеа да израмни откако претходно голманите на двете страни царуваа. Сепак, Вардар не дозволуваше и пресврт благодарение на феноменалниот Арпад Штербик на голот, па во првите шест минути се стигна до 15-15.

Перез де Варгас, исто така, беше одличен на голот на Барселона па сето тоа водеше и натаму до максимална израмнетост. Чупиќ во следните два напади постигнува два едноподруго гола, еднаш од седум метри на спротивната страна реализираше Ривера, за 17-16 за македонскиот шампион во 41. минута.

Во игра гол за гол, „црвено-црните“ за првпат на мечот се одлепуваат на два гола во 44. минута (19-17) со погодоците на Карачиќ и Душебаев. Сето тоа го одржуваме и во следните минути, па во 51. минута македонскиот состав одржува два гола предност (21-19). Но, Кире Лазаров одличен во второто полувреме со три едноподруго гола одржува Барселона да остане во игра, намалувајќи на 21-20, за да шпанскиот шампион во 53. минута стигне до израмнување навестувајќи неизвесен финиш. Во следната минута Барса со голот на Нагесан стигне до 21-22.

Vardar - Barsa 4

Но, во игра гол за гол, Вардар на три минути пред крајот со голот на Иван Чупиќ од пенал носи ново водство за македонскиот шампион од 24-23, за да Кире Лазаров, најдобриот кај Барселона во вториот дел, носи ново израмнување. Циндриќ на 80 секунди пред крајот носи 25-24, но за да нема елиминација на Барса на 16 секунди пред крај се погрижи Кире Лазаров кој носи израмнување 25-25.

Но, во последниот напад Лука Циндриќ со проектилот буквално во последната секунда донесе ИСТОРИЈА за Вардар и МАКЕДОНИЈА.

Се вчитува...