Калараш: Играме со старата тактика, и на Алушовски му е јасно дека така е најдобро

Рускиот репрезентативец Глеб Калараш е еден од клучните игри во одбранбената зона на Вардар и во новата сезона. Големиот борец е свесен дека пред Вардар е сериозен предизвик во Лигата на Шампионите, а во интервју за руските медиуми обелодени и дека „црвено-црните“ во голем дел ја копираат тактиката од претходните сезони.

„Се обидуваме да ги повториме истите шеми во играта, што не е лесно бидејќи ги немаме старите ракометари од претходните години. Сепак и на нас како играчи и на тренерот Алушовски му е јасно дека ова е систем кој функционирал со години и носел резултат, па нема зошто сега да се менува. Само е потребно време за да се навикнат новите играчи кои се во нашиот тим, да се воиграат финесите“, истакна Калараш.

Вардар утре го почнува настапот во ЛШ со тешкото гостување против Брест Мешков, а според Калараш клучно ќе биде да се неутрализира поранешниот „вардарец“ Сташ Скубе, кој сега е главен организатор на играта на белорускиот првак.

„Прво и најважно, мораме да го запреме Сташ, кој е опасен во ситуациите „еден на еден“, а ако го удвоите одлично соработува со пивотот. Исто така, опасност доаѓа и од Шкурински, тука е и Малуш, потоа мора да се внимава и на Санталов, кому не смее да му се остави простор. Клучно ќе биде да се одиграат сите 60 минути во високо темпо, неприфатливо е да дојде до опуштање кога се игра со ривал како Брест Мешков“, порачува Русинот во таборот на „вардарци“.

Главен проблем за „црвено-црните“ беа огромните долгови на поранешниот газда Сергеј Самсоненко кон ракометарите. Сепак, ситуацијата е целосно променета откако на чело на клубот застана Михајло Михајловски.

„Сега сите плати ги добиваме во целост и навреме. Веќе немаме скапи играчи во клубот, поради коронавирусот се намалија платите во сите клубови ширум Европа. Најважно е сепак што немаме такви проблеми како во минатите години“, открива Калараш.

 

Се вчитува...