Калин Ивановски реди победи во Братислава

Калин Ивановски продолжува со одлични настапи на челинџер-турнирот во Братислава, кој се игра за награден фонд од 145.000 долари. Најдобриот македонски тенисер мораше да мине две кваликациски рунди за да се пласира на главниот турнир, за денеска успешно да ја мине и третата пречка, во првото официјално коло славејќи над Германецот Гојовчик со 2-0 во сетови.

Извонредниот сервис беше заштитен знак на Ивановски на овој дуел, на кој противничкиот тенисер немаше ниту една единствена брејк-шанса, најдобар доказ за беспрекорното издание на Калин во Братислава. Првиот сет мина израмнето, Македонецот пропушти три брејк-шанси при 6-5, но потоа во тајбрејкот рутински триумфираше со 7-3.

Полн со самодоверба, нашиот тенисер потоа во вториот сет одигра уште поквалитетно, успевајќи да направи два брејка и да слави со конечни 6-2. Негов следен противник ќе биде подобриот од мечот меѓу Чехот Мачак (четврти носител на турнирот) и американскиот квалификант Дам.

Се вчитува...