Кан добива отказ, Баерн го избра неговиот наследник

Оливер Кан ќе ја плати цената за катастрофалната сезона на Баерн Минхен, откако клупското раководство донело одлука да го разреши легендарниот голман од функцијата прв човек на баварскиот гигант.

Кан повлече неколку лоши потези заедно со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ, но уште повеќе му се замерува што во периодот на криза ниту еднаш не застана во одбрана на тимот и фудбалерите, туку напротив, многу често знаеше да ги критикува по неочекуваните порази. Тој и по последниот дуел со Лајпциг даде изјава дека „играчите одиграле неинтелигентно во второто полувреме“, дополнително навлекувајќи го врз себе бесот на сите во Баерн.

Според германските медиуми, веќе е избран и неговиот наследник, и тоа Јан Кристијан Дресен. Станува збор за човек кој и сега е дел од Баерн и важи за најзаслужен што баварскиот гигант функционира беспрекорно од финансиски аспект. Од Дресен се очекува дополнително да ја зголеми финансиската стабилност во клубот, а поради неговото недоволно искуство на фудбалски теми, се најавува дека во управата ќе биде вратен поранешниот претседател Карл Хајнц Румениге, како негов личен советник.

Во највисокото раководство на Баерн се уште се во дилема дали заедно со Кан да го отпуштат и Салихамиџиќ, кој за разлика од екс-голманот се уште има неколку сојузници на своја страна на „Алијанц Арена“.

Се вчитува...