Кошаркарската репрезентација на Канада ја забележа втората победа во силната група Б од ОИ во Париз откако по голема борба ја совлада Австралија со 93-83. „Кенгурите“ беа подобар противник во првото полувреме, на одмор имаа водство од четири поени, но канадската одбрана во пресудните моменти беше клучен фактор.
Гиди, кој делуваше незапирливо во првите 20 минути, потоа беше целосно неутрализиран во вториот дел, а надвор од ритам беше држен и Милс. Канада го сврте резултатот во своја полза во третиот период, а потоа во последната четвртина „црвено-белите“ успеаја да ја запрат Австралија на само 13 поени (21-13), на крајот добивајќи го овој меч со двоцифрена предност.
Берет со 24 поени и 7 скокови беше клучна фигура во победничката репрезентација, Гилџус-Александер и покрај проблемите со прекршоците (две лични грешки во првите две минути) стигна до 16 поени. Најефикасни во таборот на Австралија беа Гиди со 19 поени и Лендејл со дабл-дабл од 16 поени и 12 скокови.
Канада е првопласирана во групата Б со максимални 2-0, по една победа и еден пораз имаат Австралија и Шпанија, додека Грција е без триумф во првите две рунди. Во последното коло ќе се сретнат Канада – Шпанија и Австралија – Грција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА