Канаје полн со респект: Вардар е најдобриот тим во Европа

Вардар ќе ја стартува одбраната на европската круна со пресметка со екс-првакот на Европа, француски Монпелје. „Црвено-црните“ се надеваат на успешен старт и на оваа европска авантура, а францускиот стратег Патрис Канаје фаворитската улога му ја препушта на македонскиот шампион.

„Нашата желба за победнички старт во ЛШ е огромна, но мислам дека Вардар е најдобар тим во Европа. Не се сомневам во ова што го зборувам, во последните три години тие имаат две титули европски првак и едно полуфинале, во кое загубија од нас со еден гол разлика. Тоа е Вардар – тим со ментална сила и неверојатна натпреварувачка моќ. Предизвикот е пред нас, да се обидеме да најдеме начин да ги победиме, уште повеќе бидејќи играме пред нашите навивачи“ – истакна Канаје.

Трофејниот стручњак го посочи и квалитетот што најмногу му се допаѓа кај Вардар.

„Тоа е тим-камелеон, кој знае како да ја наметне својата игра, но и доколку тоа не се случи, знае експресно да се адаптира на противникот. Вардар е луциден тим што ќе ја увиди твојата слаба точка и потоа ќе ја користи цело време за да дојде до резултатот што го поседува“ – потенцира Патрис Канаје.

Се вчитува...