Канатларовски: Изолацијата ми е добредојдена да ја завршам и фудбалската книга која ја подготвувам

Едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот фудбал, Драган Канатларовски деновиве, заедно со плејадата легенди на Црвена Звезда, е во фокусот на црвено-белиот тим од Белград. Поранешниот македонски селектор, кој во Црвена Звезда за само една година престој остави силна трага наметнувајќи се како еден од милениците на навивачите во генерацијата на Драган Стојковиќ – Пикси, сега изолацијата поради пандемијата на коронавирусот ја минува во Врање, каде е неговиот дом последните години.

„Лесен беше изборот. Да се вратам во Битола каде требаше да бидам во самоизолација 14 дена или да останам со поубавата половина во Врање. Искрено, не ни е досадно, а јас конечно пронајдов време да напишам и стручна книга. Ги собирам материјалите и веќе следниот месец би требало да ја завршам. Вечерите ни се резервирани за некој добар филм или серија“ – вели Канатларовски во интервјуто за официјалната интернет-страница на Црвена Звезда, и дополнува:

„Во ова време треба да се заштитиме себеси од другите, и обратно. Секако ги следам сите случувања и може да кажам дека не е време за неодговорно однесување. Кога ќе се најдете во ваква ситуација дури тогаш гледате кои ви се драги лица и колку ви се важни во животот. И ова ќе мине, доаѓаат поубави времиња, па се надевам дека за еден месец ќе може да се вратиме на обврските и нормалниот живот“ – истакна популарниот Цапар.

Канатларовски како следен професионален ангажман го очекуваат квалификациите за ЕП со кадетската селекција на Македонија.

„Веќе подготвен е планот, кога сето ова ќе мине, за работа со репрезентацијата. Но, се ќе зависи и кога УЕФА сега ќе ги закаже квалификациските турнири. Во секој случај ќе имаме доволно време да се подготвиме. Само да сме здрави и живи“ – вели Канатларовски.

Легендата на Вардар и Црвена Звезда се осврнува, со свое мислење, и на ситуацијата во српскиот фудбал, се разбира, со посебен поглед кон црвено-белите…

„Црвена Звезда без дилема е најголемиот клуб на Балканот. Сигурен сум дека, без разлика на целата оваа ситуација, ќе продолжи да се развива во најдобар правец. Црвена Звезда, и кога сето ова ќе заврши, нема кој да ја загрози во Србија затоа што е најдобра. Поважен од бодовната разлика е фактот дека Станковиќ за кратко време ја ‘намести’ играта, препознатлива, напаѓачка но доста избалансирана. Кога некој има менталитет на победник и борец како Дејан Станковиќ тогаш јасно е дека секој пристап е 100%. Имаше голема кариера, работеше со најголемите тренерски имиња на денешницата и тоа искуство сигурно е непроценливо. Затоа и Црвена Звезда е на вистинскиот пат“ – истакнува Драган Канатларовски.

 

Се вчитува...