Канелјас: Титулата со Вардар ми е помила од сите трофеи со Шпанија

Жоан Канелјас важеше за еден од најмалерозните ракометари во Лигата на шампионите, со пет учества на фајналфор турнирите без да успее да се искачи на тронот на ракометна Европа. А тогаш дојде таа 2017 година, кога Канелјас во дресот на дебитантот Вардар повторно излезе на теренот на „Ланксес Арена“ и беше дел од големото чудо, победите над Барселона и ПСЖ и првата титула европски првак за македонскиот состав.

Чекањето конечно заврши, а шпанскиот бек неслучајно на тој успех гледа како на најголем во кариерата, иако во колекцијата на трофеи има и светска и европска круна со својата репрезентација.

„Првите пет патувања во Келн не завршија славно за мене. Дојде момент кога помислив дека никогаш нема да го кренам тој трофеј. Сега пред очите ми е само таа слика, како плачам во салата во Келн, по победата во финалето против ПСЖ. Беше еуфорија, а јас не забележував никого, се чувствував како да сум сам. Тоа беше навистина специјален момент. Имав многу значајни победи со шпанската репрезентација, освоив и две титули, но пехарот со Вардар ми е најдраг во кариерата“, истакна Канелјас во интервју за официјалната веб-страница на ЛШ.

Се вчитува...