Робин Кантегрел во најскоро време ќе му се приклучи на Вардар, а интересно е што „црвено-црните“ во трката за потписот со францускиот голман го победиле македонскиот ривал Пелистер. Проблем засега останува ставот на раководството на Сесон, клуб со кој голманот има уште една година од актуелниот договор. Во него има клаузула за раскин ако Кантегрел замине во друг клуб од првата француска лига, но таа не може да се активира со преселба во Македонија.
„Свесни сме за неговата желба да си замине, пораката ни беше испратена преку неговиот агент. Сигурно нема да чуваме играч што не е задоволен. Исто така, сигурно е дека имаме договор со него на уште една година. Ќе седнеме, ќе разговараме и ќе се договориме“, изјави првиот човек на Сесон, Стефан Клеменсо.
Едно е сигурно, Вардар нема намера да плаќа отштета за овој голман, кој доколку не добие спогодбен раскин, најверојатно самиот ќе мора да ја покрие сумата што Сесон ќе ја побара за да добие зелено светло за да дојде во таборот на „црвено-црните“.
Во меѓувреме, француските медиуми обелоденија интересна информација, дека пред потписот со Вардар сериозен интерес за овој голман покажал и вториот македонски амбициозен проект, Пелистер. Битолчани се во потрага по нов голман по заминувањето на Митревски, сакале да го доведат Французинот и останале со празни раце, кога тој решил да замине кај директниот ривал за висок пласман. Во игра покрај Пелистер бил и бундеслигашот Штутгарт, како и шпанскиот прволигаш Ирун, но на крајот како пресудна се покажала желбата на Кантегрел да заигра во Лигата на шампионите, поради што ја избрал понудата на Вардар пред сите останати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА