Кантегрел: Вардар е легендарен клуб што ќе ми го оствари сонот наречен ЛШ

Робин Кантегрел ќе бележи огромен скок во кариерата откако од втората француска лига и настапите за Сесон Рен овој голман го прифати предизвикот да се пресели во Македонија и да застане на голот на Вардар. За многумина, неочекувана одлука, но новиот „вардарец“ открива дека реномето што „црвено-црните“ го создадоа во изминатите години беше пресудно за тој да ја прифати понудата на новиот претседател Михајло Михајловски.

„Кога бев помлад, фајналфор турнирите ги гледав на ТВ со мојот татко. Вардар во меѓувреме стана легендарен клуб, а кога таков гигант ќе дојде да те побара, не можеш да одбиеш. Си зацртав пред себе цел – до 25-годишна возраст да заминам во клуб каде ќе имам шанса да настапувам во Лигата на Шампионите, сега таа желба ми се исполни“, истакнува Кантегрел во интервју за француските медиуми.

Иако доаѓа од земјата што е повеќекратен светски и европски првак, Французинот е свесен дека ќе мора да се бори за улогата на прв голман во тимот.

„Не размислувам премногу далеку, одам чекор по чекор и знам дека ќе морам да давам се од себе на секој тренинг и натпревар. Вардар го врати и Борко Ристовски, кој е прв голман во македонската репрезентација, така што конкуренцијата ќе биде голема“, вели Кантегрел.

Финансиските проблеми со кои се соочуваше Вардар во последните години под водство на Сергеј Самсоненко не беа нешто од што Французинот се исплаши во текот на преговорите.

„Знаев за тие проблеми, но ми беше кажано дека Михајловски го решил тоа и се ќе биде во ред. Почнувам со подготовките за Скопје, таму ќе одам со мојата девојка, за да не бидам осамен, но да бидам искрен не знам многу за Македонија. Се обидувам да „дешифрирам“ кирилица, но се уште сум далеку од разбирање на македонскиот јазик. Ова е нова авантура за мене, но верувам дека се ќе биде во најдобар ред“, оптимистички е расположен новиот голман на Вардар.

Се вчитува...