Канти испадна „канта“ – Гостивар го избрка Американецот

Карим Канти требаше да биде големо засилување за Гостивар, но само неколку дена беа доволни за управата на македонскиот клуб и тренерот Србиновски да увидат дека Американецот е далеку од нивните очекувања и да му дадат „шут-карта“ пред воопшто да се стартува со контролни натпревари. Неговото незалагање за време на тренинзите во првата седмица станало се поочигледен проблем, а откако опомените не вродиле со плод, донесена е одлука за експресна разделба од американскиот бек.

„Верувавме дека носиме квалитетно засилување, но незалагањето на тренинзите во пресрет на новата сезона беше разочарувачко за сите во клубот. Затоа решивме да го раскинеме договорот со Канти, а во меѓувреме ќе се обидеме да ангажираме квалитетно засилување за овој дел од тимот“ – изјави директорот на Гостивар, Бали Саити.

Со тренинзи со гостиварци продолжува и Перо Антиќ, кој воедно е и еден од акционерите на овој македонски прволигаш. Антиќ се уште е без ангажман и не сака да коментира за својата иднина, но не треба да се исклучи можноста за враќање во татковината пред големиот ас и дефинитивно да ја заврши својата кариера.

Се вчитува...