Капа долу за Кокошков – српскиот генијалец што го слави цела Словенија

Горан Драгиќ сосема заслужено дојде до МВП наградата, но ако се бира најзаслужен за европската круна тогаш рамо до рамо со плејмејкерот сигурно е словенечкиот селектор Игор Кокошков. Српскиот стручњак уште еднаш извонредно го водеше својот тим, и што е најважно покажа дека поседува карактер, па во моментите кога на Драгиќ не му одеше, го седна својот најдобар играч на клупата, иако во тие моменти во тимот го немаше ниту Дончиќ.

Резултатот е јасен – во следните две минути Словенија направи серија од 10-0 и си го трасираше патот до трофејот, а Кокошков заслужено се закити со второто врвно признание во својата кариера, по освоениот НБА-прстен како помошен тренер во Детроит.

Драгиќ е играч од светска класа, Дончиќ суперталент и име за кое уште долго ќе слушаме, но факт е дека сите останати репрезентативци на Словенија не отскокнуваат премногу над европскиот просек (дел од нив дури се и под него). Сепак, Кокошков покажа кошаркарско знаење за да склопи моќен колектив што на крајот ќе испише историја – со прва европска круна за Словенија на кошаркарските натпреварувања.

Се вчитува...