Карабатиќ: Франција не е фаворит, туку напротив…

Никола Карабатиќ и пред крајот на кариерата ја има улогата на предводник на француската репрезентација. Ракометниот мајстор беше меѓу најзаслужните за големиот камбек во финишот против Данска, а ќе има значајна улога и на вечерашното полуфинале со Шведска.

Станува збор за меч што е реприза од полуфиналето од последното СП во Египет, меч што Швеѓаните го добија со убедливи 32-26.

„Ова е реприза на тоа полуфинале од Каиро, но многу работи се сменија оттогаш. Ние станавме олимписки шампиони и се наполнивме со самодоверба, но на овој шампионат имавме проблеми со коронавирусот и со повредите. Затоа, не може да се спореди овој дуел со оној од пред една година“, истакнува Карабатиќ.

Според „ѕвездата“ на ПСЖ, на Франција никако не смее да се гледа како на фаворит во пресрет на овој натпревар.

„Швеѓаните се вратија во самиот финиш откако беа на работ на елиминација, исто како нас. Кој е фаворит? Можам да кажам дека Франција не е фаворит за победата, туку напротив… Ние само се подготвуваме за полуфиналето и веруваме дека можеме да победиме“, порачува големиот ас на француската репрезентација.

Се вчитува...