Шпанија го освои првото место во групата 1 во Виена, откако во денешниот дерби дуел актуелниот европски првак ремизираше со Хрватска (22-22), па поради подобрата гол-разлика се најде на врвот од оваа група. „Коцкестите“ имаат за што да жалат бидејќи се вратија од „минус шест“, имаа еден гол предност, но на крајот не успеаја да стигнат до посакуваната победа. Голем проблем за Червар сигурно е повредата на Игор Карачиќ заработена во последните минути, откако екс-ракометарот на Вардар одигра импресивно постигнувајќи 10 погодоци, но не можеше да остане на теренот во моментите кога се решаваше победникот.
Циндриќ поради повреда не настапи на оваа средба, но Игор Карачиќ одигра беспрекорно во првото полувреме, постигнувајќи шест гола од исто толку обиди. Хрватите шансата ја пропуштија кога при водство од 8-6 не ги искористија неколкуте напади по одличните интервенции на Шего. Шпанија се врати, на одмор замина со водство од 12-11, а потоа во вториот дел одговорноста ја презеде Душебајев. Левиот бек постигна четири гола и две асистенции во првите десет минути од второто полувреме, Шпaнците се одлепија на 18-12. Хрватска успеа да се врати, стигна до 21-18, а потоа судиите сомнително поништија гол од контранапад на Карачиќ поради наводно пробивање преку Македа.
Тоа само уште повеќе ги мотивираше избраниците на Червар, кои продолжија со одлична игра во одбраната, па на пет минути до крајот израмнија на 21-21 со погодокот на Мариќ. Проблемите на Червар се зголемија откако на три пол минути до крајот Карчаиќ се пожали на повреда и мораше да биде заменет по еден судир со Душебајев. „Црвената фурија“ повеќе од десет минути не постигна погодок, а Дувњак испрати проектил од девет метри, за водство на Хрватска од 22-21. Гомез од седум метри конечно го прекина шпанскиот пост и израмни на 22-22, а Червар во последниот напад се реши да тргне „седум на шест“. Дувњак се реши на шут од место, но го погоди само дирекот, па Шпанците го потрошија времето до крај, за реми кое значеше нивно останување на првото место во групата.
Карачиќ беше главен играч на натпреварот со десет погодоци, Шего имаше девет одбрани на голот на Хрватска, додека Душебајев со шест гола беше прв стрелец на Шпанија во денешното реми.
Словенија без да излезе на терен го осигура пласманот во полуфиналето од ова ЕП, за што избраниците на Врањеш треба да им се благодарни на ракометарите на Португалија. Иако ги загубија шансите за Топ 4, Португалците одиграа одличен меч и триумфираа над Унгарија со 34-26, на тој начин исфрлајќи ги Унгарците од трката за второто место во групата. Тактиката „седум на шест“ вроди со плод во првото полувреме, Португалија на одмор замина со водство од 16-14, за во вториот дел уште повеќе да ја зголеми предноста, правејќи серија од 4-0 во периодот од 42. до 47. минута, за водство од 26-20 и разрешување на сите дилеми околу победникот.
Дуелот меѓу Норвешка и Словенија во Малме сега ќе биде само пресметка за првото место, бидејќи двете селекции веќе си го обезбедија учеството во полуфиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА