Хрватска е еден од ривалите на Македонија во групната фаза од СП 2019 во Минхен, а еден од адутите на селекторот Лино Червар дефинитивно е асот на Вардар, Игор Карачиќ. Како ракометар кој мина долги години играјќи под водство на Раул Гонзалес, хрватскиот бек верува дека може да му помогне на Червар во тактиката за дуелот со Македонија.
„Групата никакоо не смее да се потцени, сите велат дека ќе одиме понатаму, но мораме да бидеме внимателни. Исланд е многу опасен и незгоден ривал, а со него играме во првото коло, да не заборавиме дека Исланѓаните на стартот од последното ЕП во Хрватска ја декласираа моќната Шведска. Македонија ја води мојот поранешен тренер Раул Гонзалес. Многу добро го знам тој стил на игра, мислам дека можам да му помогнам на селекторот Червар во тактиката за тој натпревар“ – истакна Карачиќ во разговор за хрватските медиуми.
Тој се осврна и на полусезоната на клупски план, како член на Вардар, и добиеното ветување од газдата Сергеј Самсоненко дека состојбата во клубот ќе се консолидира.
„Со оглед на бројните проблеми со повредите, имавме пет операции на играчи и две-три поситни повреди, мора да се биде задоволен. На крајот игравме речиси со втор тим, но се излезе супер, второ место во групата во ЛШ, први сме во СЕХА. Да бидам искрен, не е се толку добро во клубот, но се држиме. Претседателот Самсоненко дојде на состанок и ни најави дека се ќе биде ОК“ – открива Игор Карачиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА