Карачиќ: Начевски беше во право, уште не ми е јасно како направив чекори…

Македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ја донесоа вистинската одлука во клучниот момент од финалето од ЕП 2020 меѓу Хрватска и Шпанија, кога во самиот финиш досудија чекори од Игор Карачиќ. Ова во интервју за „Балкан Хендбол“ го потврди и самиот Карачиќ, признавајќи дека судиите апсолутно биле во право кога им ја одземале топката на „коцкестите“, во нападот што можеше да им донесе израмнување на 90 секунди до крајот.

Начевски добро забележа дека поранешниот „вардарец“ направи шест чекори пред да ја спушти топката и им ја додели топката на Шпанците, кои знаеја како да го искористат овој „подарок“ од Карачиќ и си ја осигураа титулата.

„Долго време се полемизираше за моите чекори во финалето, но јас сега можам да кажам – им симнувам капа на македонските судии за донесената одлука. Јас се уште не можам да објаснам како можеше да се случи да ги направам тие чекори, едноставно во тој момент ви се вртат низ главата 300 акции, си мислите дека ја водите топката, а всушност не ја тапкате. Се случи грешката, скапо ја плативме, јас само можам да им кажам дека не им се лутам на судиите бидејќи нивната одлука беше таква каква што требаше да биде. На крај треба да бидеш човек, да го прифатиш она што е реалност“, истакна Карачиќ во видео-интервјуто за „Балкан Хендбол“.

Се вчитува...