Карачиќ: Ништо не е случајно… Овој Вардар се гради уште од времето на Михајло

ЕКИПА во Келн,

Катерина Павлова Николовска

Еден од најдобрите ракометари на Вардар, Игор Карачиќ мина низ „сито и решето“ во црвено-црниот дрес цели седум години со македонскиот шампион. Неизбежно хрватскиот репрезентативец сега во Келн посакува со трофеј да се збогува од Вардар, потенцирајќи дека овој лик и сите успеси на тимот воопшто не се случајни но се градени уште од времето на претходниот негов сопственик Михајло Михајловски кога се градеше и создаваше вистинскиот дух на клубот…

„Видете Вардар не се градеше преку ноќ. Овој Вардар, неговиот карактер па и целокупниот негов лик, се градеше уште под водство на претходниот претседател Михајло Михајловски преку Сергеј Самсоненко и се до денес. Ништо тоа не е случајно. Но, како со се во животот така и во Вардар имаше промени. Се разбира дека се менуваа тренери и секој од нив носеше некој нов дух за тимот. Парондо донесе нешто плус за Вардар иако претходно Раул беше можеби најдобриот тренер кој работеше во клубот. Но неговото заминување не се почувствува многу затоа што се склопија коцките меѓу играчите, се создаде хемија, Парондо одлично го води тимот и успешно ги пребродивме сите проблеми изминатава сезона и таа беспарица која, за среќа, не се одрази на резултатите. Па, ете не тука во битка за титула“ – истакна Караџиќ на средбата со медиумите пред утрешниот старт на Ф4 во Келн.

А, што се однесува до полуфиналниот натпревар со Барселона…

„Имавме успешна сезона и тука сме да ја заокружиме на најдобар можен начин. Јасно е дека нема што да загубиме. Не ја носиме фаворитската улога, играме во полуфиналето против, според мене, најдобриот ракометен клуб во светот. Но, тоа не е важно на вакви натпревари… Вардар многу пати досега покажа дека е тим кој има срце, кој има карактер, кој знае да се врати од дното и да се издигне до врвот. Имаме срце да ја победиме и Барселона, имаме и доволно искуство од Келн со оглед на нашето по третпат едноподруго учество. Ќе биде неизвесен натпревар и се надевам дека уште еднаш ќе ги израдуваме сите во Македонија“ – вели Карачиќ.

Се вчитува...