Караџовски: Се е на наша страна – мораме да го победиме Косово

Македонските кошаркари синоќа ги почнаа подготовките за неделниот дуел против Косово, за атак на трета победа во оваа претквалификациска фаза со која „црвено-жолтите“ би ги отстраниле речиси сите дилеми за пласман во главните квалификации за Евробаскет 2021. Македонија е фаворит на овој меч, а задачата би требало да биде нешто олеснета со фактот дека Косово ќе биде значително ослабен поради неиграњето на Американецот Армстед, кој се повреди на последниот натпревар за својот клуб Бујукчекмече и нема да му биде на располагање на селекторот Мулаомеровиќ.

„Пред нас е исклучително важен меч, но многу ќе зависи и од денешниот натпревар меѓу Романија и Косово, бидејќи ако Косово победи денеска, тогаш ние со триумф в недела дефинитивно ќе бидеме први во групата. Ако се реализираат најавите дека Косово ќе настапи без Американецот Армстед нашите шанси за победа стануваат уште поголеми, но ништо треба да се остави на случајот. Ние треба да бидеме фокусирани на нашата игра, да го завршиме нашиот дел од работата и со трета победа во овие квалификации да направиме уште еден чекор напред кон наредниот циклус. Бериша останува главна опасност по нашиот кош, а ќе треба да внимаваме и на центарот Шоши, кој настапува во израелското првенство. Овие двајца играчи ќе бидат клучни кај Косово и ќе треба да внимаваме на нив. Играме пред наши навивачи, во наша држава и поквалитетни сме од Косово, реално се е на наша страна и мораме да стигнеме до посакуваната победа“ – истакна Димитар Караџовски.

Македонските кошаркари денеска ќе тренираат во Скопје, по што утре заминуваат за Гевгелија, каде в недела ќе го играат натпреварот против Косово.

Се вчитува...