Карагер: Алексис станува новиот Фернандо Торес

Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џејми Карагер, го критикуваше Алексис Санчез за очајните игри што чилеанскиот интернационалец ги покажува во дресот на „црвените ѓаволи“. Карагер смета дека формата на Санчез се движи во надолна линија веќе подолго време, на начин сличен како што тоа беше случај и со шпанскиот ас Фернандо Торес, кој по заминувањето од Ливерпул во Челси играше се послабо и послабо, за сега да заврши со трансфер во Јапонија.

„Гледам дека владее општо мислење дека Алексис Санчез не е истиот играч откако дошол во Манчестер јунајтед. Всушност, тоа е малку неточно – бидејќи Санчез веќе подолго време не е истиот играч кој доминираше на терените. Колку повеќе го гледам во дресот на Јунајтед, се поубеден сум дека последната негова слаба година во Арсенал не беше поради недоволна мотивација. Да бидеме реални, најдобрите години веќе се зад него и никогаш нема да се повторат. Тој е за Манчестер јунајтед она што беше Фернандо Торес за Челси. Се случува, секој фудбалер има свој врв по кој следи пад, сега со тоа се соочува Алексис. Да не бидам разбран погрешно, јас имам исклучително високо мислење за Торес и она што тој го правеше за нас во Ливерпул. Сепак, да не се заборави дека Челси тогаш го купи Фернандо, кој на 26-годишна возраст веќе имаше 468 одиграни натпревари, немаше нормален одмор во претходните три лета и едноставно како да немаше начин да го издржи ритамот во периодот што следеше. Сега е слична ситуацијата и со Алексис Санчез, кога го гледам пред себе како историјата да се повторува“ – истакна Карагер.

Се вчитува...