Караколев го одби Куманово, останува во Еуро Никел

Никола Караколев е првиот кошаркар што потпиша нов договор со тимот на Еуро Никел, со што кавадаречкиот прволигаш го почна формирањето на ростерот за новата натпреварувачка сезона. Буџетот на кавадарчани ќе биде во рамките на ланската сезона, а приоритет во следниот период ќе биде задржување на домашните играчи кои лани го носеа дресот на овој клуб. За Караколев во изминатиот период сериозен интерес покажа Куманово, но овој кошаркар на крајот реши да не ги менува клупските бои.

„Она што во моментов е дефинитивно е останувањето на Горан Самарџиев како тренер, заедно со целокупниот стручен штаб. Од играчите експресно постигнавме договор и со Караколев, за тој да остане во Еуро Никел, а почнуваме разговори со останатите домашни играчи. Наша цел е што поскоро да го задржиме темелот на екипата од македонски кошаркари, сакаме да ги задржиме и Петровски, Соколов, Бакоч… па дури потоа ќе се насочиме кон странските засилувања“, изјави претседателот на клубот, Ванчо Филковски.

Еуро Никел успеа да се стабилизира по финансиските проблеми од пред неколку години, под водство на Самарџиев овој тим обезбеди влез во Супер-лигата, но сезоната беше прекината поради пандемијата од коронавирус.

Се вчитува...