Караколев револтиран: Ни ја зедоа предноста на домашен терен, а сега не ни даваат ни да победиме (ВИДЕО)

МЗТ Скопје е на прагот да ја освои и осмата титула во домашното првенство откако аеродромци поведоа со 2-0 во финалната серија против Еуро Никел. Слично како на првиот меч одигран во СЦ „Јане Сандански“ двата тима кои во моментот играат најубава кошарка во Македонија приредија уште еден одличен натпревар кој за жал на крајот беше отсликан во една контроверзна одлука.

Имено, на четири минути и 20 секунди пред крајот на мечот при резултат 79-79, при нападот на Еуро Никел топката удри во ногата на Андреј Магдевски, а судиите овој потег го категоризираа како изгубена топка на кавадарчани. МЗТ Скопје реализираше на спротивната страна на паркетот за минимално водство.

Следеше жестока реакција од клупата на Еуро Никел за која тренерот на тимот доби техничка грешка, а импресиите од мечот не престанаа ни по истиот. Еден од оние кој упати критики кон делителите на правдата беше бекот на кавадарчани, Никола Караколев.

„Почнавме убаво, водевме речиси целиот натпревар во кој имаше премногу спорни ситуации од судиите, не знам стварно која е потребата, а исто беше и на претходниот натпревар. Чиста нога и тоа на нерешен резултат што беше и пресвртот во овој натпревар. Даваме се од себе и денеска бевме подготвени и физички и психички да го добиеме мечот, но мислам дека други не дозволија да победиме. Мислам дека во секој случај пласманот во финалето е успех за нас, а тоа што другите не ни даваат да победиме е срамота. Десет месеци се трудиме, тренираме и играме, а на крајот друг не ни дава да победиме. Ни ја земаа и предноста од домашен терен, а сега и судиите влечат за нив. На шест поени предност за нас, давам кош и судат „фаул-кош“, а потоа ја менуваат одлуката и судат прекршок во напад. Тоа е доволно да решиш едно вакво финале. Ова е срамотa за македонската кошарка. Ќе дадеме се од себе во недела и се надевам дека судиите нема повторно да бидат во центарот. Во ниеден случај нема откажуваме, во кошарката се случуваат чуда“, изјави за ЕКИПА, Караколев.

За следниот натпревар серијата со многу изненадувања се враќа во Аеродром и СЦ „Јане Сандански“ каде „сино-белите“ ќе имаат шанса да ја продолжат децениската доминација.

Се вчитува...