Кардиф не сака да плати за Сала – ќе го тужи Нант за „невнимание“

Емилијано Сала беше погребан вчера во својата татковина, а допрва ќе почне битката за сумата од 15 милиони фунти што Нант треба да ја добие од Кардиф за транссферот на починатиот голгетер. Премиерлигашот веќе доцни со исплатата на првата рата од пет милиони, Нант најави тужба, но според последните информации тужба подготвува и Кардиф – и тоа за невнимание на францускиот клуб при организирање на кобниот лет.

Весникот „Сандеј Телеграф“ повикувајќи се на извори блиски до Кардиф тврди дека велшкиот клуб ќе се обиде да ја префрли одговорноста за несреќата врз поранешниот тим на Аргентинецот.  Имено, Кардиф ќе оди на верзијата дека Нант бил организатор на кобниот лет на Сала, со оглед на фактот дека агентот Вили Мекеј, кој го средил последното патување на голгетерот, бил најмен од страна на францускиот клуб за да најде купец за најдобриот фудбалер на Нант. Во Кардиф ја чекаат истрагата за пилотот Дејви Иботсон, за кого се тврди дека воопшто немал дозвола за комерцијални летови, а доколку тоа се потврди за точно, ќе биде само аргумент плус за велшкиот клуб во правната битка со францускиот прволигаш што ќе следи. Според британските медиуми, тужбата ќе се однесува на „невнимание при организација на патувањето со кобни последици“.

Сала потпиша за Кардиф на 19 јануари, два дена пред трагичната несреќа, а во Кардиф посочуваат дека тој се уште немал почнато со „работен ангажман“ во овој клуб бидејќи првиот тренинг му бил закажан за 22 јануари.

Едно е јасно, Нант ќе си ги бара парите, Кардиф ќе стори се за да не ги плати, а последниот збор најверојатно ќе го имаат судските органи.

Се вчитува...