Карлос Саинц на радарот на Мекларен

Ф1 тимот на Мекларен сака во својот тим за следната сезона да го донесе Карлос Саинц. Шпанецот сезонава е позајмен возач во Рено, но неизвесно е дали ќе се врати во Ред Бул откако стана јасно дека Даниел Рикиардо ја продолжува соработката со тимот.

Многу поизвесно е дека Саинц во следната сезона ќе му биде тимски колега на својот сонародник Фернандо Алонсо. Според најавите Саинц од британскиот тим бара поголема сигурност и двегодишен договор.

„Во овој период од годината мојата иднина се уште е нејасна. Така беше и во претходните три сезони и веќе се навикнав на оваа ситуација. Се надевам дека со идниот тим ќе потпишам двегодишен договор за да бидам сигурен дека и следната година нема да бидам во иста положба“ – изјави Карлос Саинц.

Шефот на Мекларен, Зак Браун призна дека тимот е заинтересиран за шпанскиот возач.

„Сметаме дека Карлос Саинц е многу добар возач. Во овој период од годината разговараме со многу возачи, затоа што треба да пополниме две места. Фернандо се уште не е сигурен што ќе прави и каде сака да вози, така што треба да бидеме подготвени за секакви можни сценарија“ – истакна Браун.

Се вчитува...