„Каша попара“ во нашата група: Украинците ја совладаа и Чешка

Изненадувачки се резултатите на половина од натпреварувањето во нашата квалификациска група за ЕП 2018, откако Украина со втората победа во низа се искачи на првото место на табелата. Украинците на стартот од квалификациите загубија од Македонија, потоа неочекувано го совладаа Исланд, но со денешната победа на домашен терен против Чешка (26-23) и оваа селекција која важеше за аутсајдер во групата сега сериозно се вклучува во битката за пласман на ЕП.

Украинците доминираа во текот на целиот натпревар и сосема заслужено стигнаа до победата над Чесите, кои за 60 минути игра ниту еднаш не поведоа, па сосема заслужено со наведнати глави се враќаат назад во татковината. На полувремето резултатот гласеше 14-12, домаќините потоа на самиот стартот од второто полувреме уште повеќе си ја зголемија предноста, па на крајот заслужено триумфираа со конечни 26-23.

Жуков и Козакевич со по седум гола беа најефикасни во украинскиот состав, додека прв стрелец на Чесите при разочарувачкиот пораз беше Хрстка со осум погодоци.

Украина моментно се наоѓа на првото место на табелата, но доколку Македонија слави на утрешниот дуел со Исланд нашиот национален тим ќе се искачи на врвот, поради победата во меѓусебниот дуел со Украинците.

Само за потсетување, Македонија по двомечот со Исланд, во месец јуни најпрвин ќе гостува во Украина, за потоа во последното коло на домашен терен против Чешка да го игра клучниот меч за пласман на ЕП 2018.

Се вчитува...