Кастратовиќ: Оставката ја поднесов од финансиски причини

Зоран Кастратовиќ од денеска повеќе не е шеф на стручниот штаб на Металург, откако успешниот тренер реши самиот да си поднесе оставка од функцијата. Тој ја оствари зацртаната цел, пласманот во групните фази од Лигата на Европа, но во изјава за ЕКИПА открива дека Металург се соочува со финансиски проблеми на стартот од сезонава.

„Јас не сум импулсивен човек и сите одлуки ги носам рационално, по долго размислување. Можам да кажам дека оставката ја најавив уште пред извесно време, но сакав да останам коректен до крај и се согласив да го водам тимот до оваа ЕХФ-недела, со надеж дека состојбата ќе се стабилизира. Причините се материјални, финансиски, тоа е се што можам да кажам“, истакна Кастратовиќ за ЕКИПА.

„Металурзите“ во текот на летово ангажираа неколку звучни засилувања предводени од Златко Хорват, но очигледно е дека финансиската криза во државата влијае и врз клубот од Автокоманда, каде работите и покрај добрите резултати на стартот на сезонава не одат во посакуван правец.

Се вчитува...