Кастратовиќ: Тарабокија е играч по мој вкус, ќе го направи Металург посилен

Металург донесе квалитетно засилување на позицијата среден бек, откако денеска го комплетираше трансферот на Марко Тарабокија. Долгогодишниот ракометар на Висла ќе биде задолжен за организација на нападите на „металурзите“, а тренерот Зоран Кастратовиќ не го криеше задоволството што репрезентативецот на БиХ пристигна во клубот од Автокоманда.

„Тарабокија е играч по мој вкус, кој поседува и квалитет и искуство, така што не се сомневам дека ќе го направи Металург посилен. Сите засилувања кои ни беа неопходни беа доведени, така што во оваа прилика би се заблагодарил на претседателката Зорица Блажевска за сработеното во текот на летово. Врз неа падна голем товар во сите тие преговори, но успеавме да доведеме квалитетни играчи со кои составивме силна екипа за остварување на зацртаните цели“, истакна Кастратовиќ.

А примарна цел барем на почетокот од сезоната ќе биде влез во групната фаза од Лигата на Европа. ЕХФ се уште нема официјално објавено во која фаза од квалификациите ќе стартуваат „металурзите“, но желба на сите во клубот е Металург да се најде во групите од ова натпреварување.

„Секако дека приоритет до крајот на годинава ќе биде да се влезе во тие групи од Лигата на Европа. Ние ќе почнеме со работа и подготовки токму за тој предизвик, верувам дека имаме квалитет да се најдеме во таа групна фаза, но сепак не се прашуваме само ние, ќе видиме со кој противник ќе треба да се сретнеме во тие европски битки“, вели стратегот на Металург.

Се вчитува...