КАТАПУЛТ: Кога Деспина ќе стане Емина

Екипа

За националистички извици и транспаренти, за навредување на федерациските властодршци, за политички пораки, за се и сешто има казни, прекини на натпревари, празнења трибини, само за Деспина нема ништо.

Деспина како симноним за дегутантноста на мачоизмот преку кој треба да биде изиритирaн противничкиот голман, играч или тренер.

Никој не реагира, на сите им е сосема нормално 90 минути да фрчат навреди за една девојка. Која и да е. Популарна манекенка или медиумско лице, сосема анонимна домаќинка или вработена во банка. Или затоа што ете е експонирана во медиумите дозволено е да се споменува нејзиното име. Зашто тие популарните и така се сите „такви“. Големо чудо.

И молк. Вардар не реагираше за голот што му го украдоа, па за Деспина ќе бекнат нешто. Шкендија не се огради никогаш и кога цела женска популација со македонско етничко потекло беше прогласено за К…ВА. Па, сега не е ниту за очекување да речат дека не се согласуваат со ваквите ниски прозивки, да се оградат. Можат ете и малку интерно да ги искараат навивачите кои нели им се многу важни и клучни во успесите.

Треба само и во Шкендија да им е јасно, на управата на играчите, на сите, дека ќе се случи да дојдат во Скопје и жената на Агим Ибраими да ја одбие истата порција сексизам како и партнерката на Гача.

Никој не реагира. Ниту сите силни организации за женски права и еднаквост, со сите грантови домашни и странски за борба за каузата. Веројатно парите ги потрошија за награди.

Агенцијата за млади и спорт да ги праша федерациите на кои им даде пари за промоција на жената во спортот, каде ги потрошија. За да реагираат за ова не им требаат ни пари, треба само да бидат гласни. А Агенцијата веројатно досега сфати дека со кампањи преку спотови не се искоренуваат насилство. А поголемо насилство над една личност тешко дека има од ова.

Кај нас никој не реагира што претседателската кандидатка три дена ја развлекуваат по социјални мрежи најниско навредувајќи ја за возраст, изглед, стил на облекување. Деспина на никого веројатно и не му е на крај на памет.

Затоа што нели логиката е таа. Навивачи се тоа.. така прават.. си викаат.. па, и во други држави е така. И ред други банални оправдувања и објаснувања според кои е најнормално сопругите, жените, партнерките на судиите, играчите и тренерите да бидат начин за навивачка пресметка.

Еден ден Деспина ќе стане Емина.

 

 

Се вчитува...