КАТАПУЛТ: Може ли и за нас по еден ваучер?

Екипа

Зошто ракометните и кошаркарските второлигаши се помалку важни од фудбалските? Како на екипите во втората по квалитет конкуренција не им се падна ништо во поделбата на државните бенефиции за спонзорирање во спортот? Одговори нема ниту Агенцијата за млади и спорт. Затоа што во овој момент нема прецизно објаснување за тоа како овие клубови не се најдоа меѓу добитниците на ваучери и дали нешто ќе биде променето.

Кога беше промовиран проектот за ваучер – системот немаше ограничување околу тоа кои клубови и од кои конкуренции можат да добијат државна помош. Затоа сега останува нејасно како клубовите кои извисија останаа надвор од системот.

Ако не ги исполниле минимум критериумите потребни за добивање помош тогаш тоа треба и многу јасно и прецизно да биде кажано.

Во меѓувреме, само фудбалската федерација го објави списокот на добитници на ваучерите и тоа со висините на добиените суми. За останатите спортови нема детали. ФФМ не ја пропушти приликата да потсети дека уште го чека ваучерот од државата. Останатите големи федерации на организиран настан, со фотографии и со присуство на највисоките државни функционери задолжени за спорт ги добија ваучерите. За тоа какви суми добија веројатно не треба да се зборува со оглед дека сите се смешкаа на настанот. Веројатно парите им се таман.

Со оглед дека даночното олеснување кое го дозволува државата по системот на ваучерско спонзорирање е шест милиони евра за сите, и големи и мали и за сите клубови јасно е дека сумите и мораше да бидат вака распределени.

И сосема е легитимен ставот на државата дека не е нејзина работа да финансира приватни клубови туку ете им овозможува одредени ограничени даночни олеснувања, но тоа пак е во директна колизија со општинското финансирање клубови кои покрај првичниот буџет добиваат и дополнителни пари преку ребаланси кога ќе им згусне.

Затоа државата треба да има конкретна стратегија, кого, како и колку помага. Големите клубови кои имааат резултати или сите за да нема незадоволни. Во нашиов случај идејата беше да има по малку за сите, ама не излезе пресметката. Сега ни елитен спорт, ни сите задоволни.

Се вчитува...