КАТАПУЛТ: Среќа Маленко не е во ФФМ

Катапулт

Катерина Павлова Николовска

Што  всушност значи укинувањето на општинските фудбалски сојузи.  Единственото значење кое сите го гледаат е намалувањето на бројот на делегати суштински значајни во војната за најбогатата федерација.  На собранието преку кое се освојува власта во ФФМ, клучни се токму делегатите. Година наназад овие полумистериозни ликови кои ги креваат картончињата се во фокусот на вниманието.

Како функционира делегатскиот систем и организацијата на општински сојузи. Многу едноставно. Формирани се општински сојузи според регионална поделба и од овие основи клетки на федерацијата потекнуваат делегатите за собрание.

Главниот проблем години назад е фактот што во голем дел од општинските сојузи нема доволно клубови за тие да бидат функционални. И клубовите не секнаа сега.  Благодарение на овој систем, за кој УЕФА вели дека е во рамки на нејзиниот статут владееја повеќе претседатели на федерацијата. Не го измисли ова Илчо, ниту Хари пред него. Уште помалку пак се сети на ова Мети.

Сите само го усовршуваат и надградуваат системот за да им оди во прилог.

Актуелната владеачка гарнитура и иницијаторите на идејата да се освои ФФМ по повеќе години најдоа модус полека да го разлабават системот кој му донесе победа на актуелниот претседател.

Во неколку наврати Агенцијата за млади и спорт го укинува решението за дејност спорт на општински фудбалски сојузи. И решението е легитимно, недостаток на клубови и можност за организирање лига (било каква).

Агенцијата имаше неколку обиди да го раздрма ФФМ, прво немаше да го признава изборното собрание, тоа директорот го објави и на прес конференција, потоа се бараше чаре во Централниот регистар, па во покренување кривични пријави (непознат исход односно необјавен).

Еве сега постепено се намалува бројот на делегати. Со тоа ќе треба да се постигне конечно целта. Само што не знам дали некој имаше логично решение за проблемите кои произлегуваат од укинувањето на општинските сојузи.

Сигурна сум дека сега ќе има некое објаснување за тоа како Силекс и Брегалница ќе продолжат во системот на натпреварување во кој првично влегле преку сега укинатите општински сојузи.

За да нема бура ќе има некое „импровизирано“ решение.  Ова е прв ваков случај со кој се соочува Федерацијата. И решение ќе се најде, секако.

Затоа што овде кај нас за се има некакви импровизирани решенија кои го замачкуваат проблемот.

Агенцијата за млади и спорт може до бесконечност да укинува општински сојуз обидувајќи се да ги намали „послушните“ делагати.

Има ли некој план како ќе функционираат клубовите кои регистрираат играчи во општинските сојузи.

И да повториме, обидите за освојување на ФФМ секогаш доаѓаат при промените на политичките гарнитури. Фудбалот нема врска со тоа. Никој и не верува дека работите се прават за доброто на спортот. Инволвираноста на политиката е очигледна и ја има во сите смени. Па и во оваа на кошаркарската федерација. Да  не се правивме полунаивни.

Проблемот е кога ќе се појави некој супержилав ко Маленко.

Се вчитува...