Катарската авиокомпанија со седиште во Доха, „Катар ејвес“ е потенцијалниот нов финансиер на најтрофејниот македонски клуб. Како што вчера информираше ЕКИПА, во тек се преговори со светски познатата авиокомпанија која на почетокот од следната година би можела да го реши финансиското прашање за опстанок на ФК Вардар.
Според нашите информации, во 2021 година преку договор со македонската Влада се најавува можна промена на концесионерот на македонските аеродроми. Во таа насока, доколку успешно завршат разговорите за инвестициски влез на „Катар ервејс“ во Македонија, а во договор со домашните државни институции, авиокомпанијата ќе го преземе и ФК Вардар.
Како посредници во „акцијата“ за спас на ФК Вардар се истакнати фудбалски работници од Македонија, поранешни функционери и во најтрофејниот македонски клуб. „Катар ервејс“, како спонзор, не е непознаница во фудбалскиот свет. Долги години, во минатото и сега, е и спонзор на клубови како Барселона, Бока јуниорс…
Овие разговори секако не значат исклучување на одговорноста за досегашниот сопственик на клубот, Сергеј Самсоненко за кога секако остануваат обврските за подмирување на долговите во висина од околу три милиони евра наталожени под негово владение изминативе години. По расчистување на обврските, клубот повторно се враќа на Град Скопје по што се отвора патот и за нов инвеститор.
Градоначалниот на Скопје, Петре Шилегов веќе во неколку наврати претходно нагласи дека Градот не може да го прифати враќањето на ФК Вардар под негова капа со долговите оставени од Сергеј Самсоненко, кој мора да го врати онака и како што го доби во 2014 година, со чиста сметка. Иако, од македонската Влада и од Град Скопје, и покрај тоа што засега без официјални информации пред јавноста, во меѓувреме секако активно се во „потрага“ по решението за најтрофејниот македонски клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА