Катарците ќе прават од Рома – „италијански ПСЖ“

ПСЖ нема посериозен предизвикувач во француското првенство, не може да стигне до трофејот во ЛШ, па претседателот Насер Ал-Келаифи си подготвува нов проект. Францускиот весник „Л’Екип“ објави дека првиот човек на „светците“ сака да си купи клуб и во италијанската „Серија А“, избирајќи ја Рома како идеален колектив за новиот проект.

Бројни италијански медиуми веќе пишуваа дека постои сериозен интерес за купување на Рома од странски инвеститори, а според последните информации водечки во оваа трка е токму Ал Келаифи како предводник на „Катар Спортс Инвестментс“. Првата понуда веќе била одбиена, но Катарците најавиле дека наскоро ќе биде испратена нова понуда, со сума што би требало да го убеди Американецот Палота да им го продаде римскиот клуб.

Најголема пречка во целиот проект се правилата на УЕФА, кои забрануваат иста компанија да биде доминантен сопственик во два клуба кои се дел од Лигата на шампионите. „Катар Спортс Инвестментс“ е сопственик на ПСЖ, па УЕФА сигурно ќе забрани да раководи и со Рома, но кога се Катарците во прашање лесно може да се случи трансакцијата да оди преку друга компанија, зад која индиректно би стоел Ал Келаифи.

Се вчитува...