Ракометарите на Монпелје се наоѓаат на чекор до титулата во Франција пред моќниот ПСЖ, во Лигата на шампионите веќе ги елиминираа Барселона и Фленбург, па јасно е зошто овој тим максимално мотивиран го очекува претстојниот фајналфор турнирот во Келн. Токму оваа екипа е ривалот на Вардар во полуфиналето од Ф4, а ветеранот Вид Кавтичник гласно порачува дека европскиот првак нема да има нималку лесна задача.
„Вардар е одличен тим, сите го знаат тоа, но ние ќе сториме се што можеме за да ги победиме. Едно е сигурно, не одиме во Келн како туристи, туку со иста цел како и другите, да стигнеме до титулата. Чудно е, во 2009 година со Карабатиќ дојдовме во Монпелје со желба да играме заедно на Ф4 во Келн. Сега ќе играме, но за различни тимови“ – изјави Кавтичник за официјалната веб-страница на ЛШ.
Словенецот веќе во својата колекција на трофеи има еден трофеј европски првак, од 2007 година со тимот на Кил.
„Тој момент дефинитивно влијаеше позитивно врз мојата кариера, сите уживавме во него бидејќи беше првата титула на Кил и донесе огромна радост на навивачите“ – се присетува Вид Кавтичник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА