Казарновски: Најважно е да ја запреме транзицијата на МЗТ Скопје

Поразот на МЗТ Скопје во Куманово придонесе Блокотехна осамена на второто место да го дочека гостувањето против актуелниот шампион (мала сала „Јане Сандански“, 17.45 часот). Тимот од Гевгелија и во случај на пораз до седум поени би имал предност во однос на МЗТ доколку двата тима ја завршат Супер-лигата со идентичен скор, но избраниците на Марјан Илиевски се решени да сторат се за да триумфираат и уште денеска да направат огромен чекор кон осигурување на втората позиција, што носи предност на домашен терен во полуфиналето.

„Со нетрпение ја очекуваме средбата утре, мислам дека одлично се подготвивме. Мечот е од големо значење за двата тима, а ние секако ќе сториме се за да одиграме најдобро што знаеме и да се задржиме на второто место. Најважно за нас е да ја запреме играта во транзиција на МЗТ Скопје, како и да го контролираме рекетот и да не им дозволиме многу офанзивни скокови. Што се однесува до нашата игра, мораме да продолжиме да диктираме високо темпо како што тоа го правевме во поголемиот дел од оваа сезона“ – изјавува Антон Казарновски од редовите на Блокотехна.

МЗТ Скопје и Блокотехна веќе се сретнаа четири пати сезонава. Тимот од Гевгелија ги доби првите две пресметки, 77-85 во Скопје и 96-88 на домашен терен, за потоа МЗТ да слави со 89-78 во полуфиналето од Купот на Македонија, и со 66-75 на гостувањето во Гевгелија во првиот меч од Супер-лигта меѓу овие два ривали.

Се вчитува...