Казорла: Бактерија ми „изеде“ осум сантиметри од Ахиловата тетива

На Санти Казорла му беа одземени 668 дена од фудбалската кариера. Во две години мина низ агонијата од 11 операции. Повредата на Ахиловата тетива се закануваше не само да му ја прекине кариерата, туку и да го оневозможи воопшто да оди.

Маките му почнале кога во 2013 година добил удар од кој му пукнала коска. Научил да живее со болката. Така било се до 2016 година. По повредата на Ахиловата тетива му се развила гангрена. Бактерија му изела дел од тетивата. И тоа цели осум сантиметри.

„Отидов на операција. Но, таму добив инфекција која не ја забележаа. Тогаш тргна катастрофата. Бактеријата ми изеде осум саниметри од тетивата. 11 операции во две години. Секоја операција е стрес. На моменти мислев дека нема да имам сила да издржам“ – раскажува Казорла во специјалната репортажа на „Би-Би-Си“.

Хирургот што му ја правел операцијата бил шокиран. Првата реакција му била пцовка, а втората „Овој човек веќе нема да може да оди“. Се размислувало дури и за ампутација.

По голготата Казорла, кој е миленик на фановите во сите клубови каде настапувал, повторно игра фудбал. Се врати во Вилјареал, клубот во кој го изгради името.  Шпанецот мина шест години во Арсенал.

 

 

Се вчитува...