Ќе игра ли Лазаров – Со или без Кире, пласман на ЕП е возможна мисија

Македонија денеска ги дозна ривалите во квалификациите за ЕП 2022, за кое „црвено-жолтите“ ќе водат битки со Данска, Финска и со Швајцарија. До пред извесно време ваква група ќе беше оценета како супер-поволна, но факт е дека ниту Македонија повеќе не игра на своето старо ниво со кое редовно ја минуваше првата фаза од големите натпреварувања, а со самото тоа доаѓаат и стравувањата пред пресметки со ривали како Финска и Швајцарија.

Уште повеќе што се уште не е разрешена уште една дилема – многу значајна кога станува збор за нашиот национален тим, дали Кире Лазаров ќе продолжи да го носи дресот на македонската репрезентација и во новиот квалификациски циклус. „Бомбардерот“ на Нант секогаш потенцираше дека е тука да помогне кога од него ќе се побара такво нешто, но Лазаров неодамна наполни 40 години и повеќе од јасно е дека неговата репрезентативна кариера се ближи до крајот. Тој се уште нема јавно дефинирано дали ќе продолжи да го носи црвено-жолтиот дрес во иднина, а се чини дека многу работи ќе зависат од тоа дали Македонија ќе добие вајлд-карта за СП во Египет во јануари 2021.

Квалификациите за ЕП 2022 почнуваат во ноември 2020 година, па ако Македонија биде и дел од Мундијалот во „земјата на фараоните“, големи се шансите Лазаров да помогне во овие квалификации, а потоа во Египет да му каже збогум на репрезентативниот дрес.

Едно е сигурно, дури и во ситуација капитенот да не може да помогне, Македонија има сосема реални шанси за пласман на претстојниот европски шампионат. Патот нема да биде лесен, но „црвено-жолтите“ имаат и потенцијал и квалитет за да се најдат пред Швајцарија и Финска на завршната табела во групата, а со самото тоа и да го одржат континуитетот од настапи на европските шампионати што трае уште од Србија 2012 година.

Се вчитува...