Ќе има ли бунт во Србија: Кокошков најави странец во репрезентацијата

Новиот српски селектор Игор Кокошков би можел да си создаде сериозни проблеми на стартот од новата авантура во кариерата, откако најави дека сериозно ќе ја разгледа можноста да вклучи странски кошаркар во таборот на нашиот северен сосед. Србите отсекогаш биле горделиви на оваа тема, Милош Теодосиќ пред неколку години се закани дека ќе се откаже од репрезентацијата доколку биде повикан странец, но Кокошков дава поинакво гледиште на ситуацијата.

„Мислам дека треба да се игра по правилата. ФИБА поставила правила, тие се закон, а законите треба да се почитуваат. Доколку постои можност да се натурализира странец за репрезентацијата да биде уште посилна, не гледам во што е проблемот. Мислам дека тука постојат „двојни стандарди“, ако е некој просечен играч јавноста веднаш ќе крене врева, но доколку, хипотетички гледано, Леброн или Дурант, изразат желба да играат за друга репрезентација, сите ќе се тепаат да ги доведат во своите редови. Во Србија имавме ваков случај, за женската репрезентација играше Даниела Пејџ. Тоа исто така се двојни стандарди, ако федерацијата рекла „Не“ за странци, тоа треба да се однесува и за мажите и за жените. Повторувам, правилото е такво и јас како тренер сакам да го искористам она што може да ми ја подобри репрезентацијата. Ако некои посилни и побогати нации од нас земаат странци, зошто ние да не го сториме тоа“ – изјави Кокошков.

Останува да се види реакцијата на дел од кошаркарите на ваквиот коментар на новиот селектор и како тоа ќе се одрази врз атмосферата во националниот тим, со оглед на важниот предолимписки турнир што ќе се одржи во Белград следното лето.

Се вчитува...