Ќе има ли „трета среќа“ за Рамзи во Манчестер јунајтед?

Манчестер јунајтед е подготвен да испрати сериозна понуда до Арсенал за веќе во јануарскиот преоден рок да го доведе Арон Рамзи на „Олд трафорд“, како големо засилување за вториот дел од оваа натпреварувачка сезона. Добро познато е дека Рамзи во јули ќе стане слободен играч, понуди до фудбалерот подготвуваат Ливерпул, Јувентус и Милан, но „црвените ѓаволи“ се подготвени да најдат начин да го доведат веќе во јануари, како што тоа го сторија лани со Алексис Санчез, кој пристигна во директна замена за Хенрик Мхитаријан.

Одличниот играч за врска веќе подолго време се наоѓа на „радарот“ на Јунајтед. Сер Алекс Фергусон го следеше Рамзи додека овој млад фудбалер прераснуваше во сериозен играч во дресот на Кардиф. Ферги ја загуби битката со Арсен Венгер, кој во 2008 година го доведе младиот Велшанец за сума од 4,8 милиони фунти.

Вториот обид да се дојде до овој фудбалер беше неуспешен во летниот преоден рок, кога Мурињо и Ед Вудвард едногласно тргнаа по Рамзи, но ставот на Арсенал беше дека овој ас не е за продажба. Во меѓувреме преговорите за нов договорот дефинитивно беа прекинати, „топчиите“ сигурно ќе се обидат да заработат одредена сума во јануари наместо во јули Рамзи да си замине без отштета, а Јунајтед е подготвен да плати 30 милиони фунти за од „трет обид“ да го осигура потписот на велшкиот ас.

Се вчитува...