Ќе најде ли Червар лек за Норвешка?

Норвешка е единствената селекција со седум победи на првите седум средби на ЕП 2020, а фактот дека завршниот викенд се игра во соседната Шведска ги прави Норвежаните фаворити во завршната битка за златниот медал. Сепак, скандинавската селекција денеска ќе има тешка задача да го скрши отпорот на Хрватска, селекција што знае да одигра извонредно во одбраната.

Зоната 5-1 што ја поставува Лино Червар со Дувњак како најистурен во одбраната им создаде проблеми на сите ривали на овој шампионат.

Имаме шанса да ја победиме Норвешка само ако одиграме цврсто, ако ги затвориме приодите кон нашиот гол“, истакнува Дувњак.

Добра вест за „коцкестите“ е што двајцата главни играчи во нападот, Лука Циндриќ и Игор Карачиќ, се рехабилитираа од повредите и ќе можат да настапат на денешното полуфинале (18.00 часот).

Главно оружје на Норвежаните на овој шампионат е Сандер Сагосен, кој веќе има 51 гол зад своето име иако не настапи на последниот меч со Словенија. Сепак, на селекторот Берге му е јасно дека за победа над Хрватска ќе мора да одиграат на врвно ниво сите ракометари, не само „ѕвездата“ на ПСЖ.

„Игравме одлично во првата фаза во Норвешка, дојдовме во Шведска и продолживме во врвен ритам. Се надевам дека ќе го достигнеме највисокото ниво токму на овој завршен викенд. Ќе биде тешко, секогаш е тенко и неизвесно против Хрватите. Не сакам да зборувам кој е фаворит, само дека мораме да најдеме начин да победиме. Тие играат цврста зона 5-1, другите селекции имаа проблеми со тоа, на нас ќе биде да најдеме одговор“, истакна Берге во пресрет на денешното полуфинале.

 

Се вчитува...