Ќе остане ли некој во Вардар: Столе, Борко….

Сташ Скубе пред помалку од една седмица изјави дека шансите за негово останување во Вардар се 50-50, за вчера и официјално да објави дека се разделува од „црвено-црните“, со надежи дека патиштата повторно ќе им се спојат во иднина. Егзодусот што го почнаа Криштопанс и Атман продолжува, а прашањата што логично следат се кој е следниот од шампионската екипа што ќе си замине или уште подобро… кој од актуелниот состав на Вардар ќе остане да го носи црвено-црниот дрес и во наредната сезона.

Прв на листата без никаква дилема е Стојанче Стоилов, долгогодишниот капитен кој во последните години одбиваше понуди за да остане меѓу „црвено-црните“, а подготвен е на такво нешто и сега. Доколку се реализираат најавите и Михајло Михајловски повторно го преземе раководењето со клубот, Стоилов е во добри односи и со поранешниот газда, па неговото останување не треба да биде доведено во прашање.

Заедно со него во Вардар дефинитивно ќе биде и Борко Ристовски, репрезентативниот колега која по враќањето во Македонија потпиша договор на само четири месеци, но „јавна тајна“ е дека „министерот за одбрана“ се гледа себе уште долго на голот на „вардарци“. Веднаш до него ќе биде и Марко Кизиќ, младиот голман кој сезонава блескаше на неколку средби во ЛШ, докажувајќи дека поседува потенцијал и доколку се развива на вистински начин можен да прерасне во голман од највисока класа. Неизвесно е дали во тимот ќе остане Мишевски, новопечениот репрезентативец кој исто така потпиша на четири месеци. Меѓу оние кои ќе останат се очекува да биде и екс-капитенот на Металург, Димитар Димитриоски, но јасно е дека на новата управа ќе и претстои целосен ремонт на тимот.

Заминувањето на Самсоненко е се поизвесно, а заедно со него ќе си замине и „рускиот костур“ на тимот предводен од Дибиров. Шишкарев веќе е договорен со Веспрем, а на излезна врата се и Калараш, Горпишин и Горбок. За иднината се нема изјаснето Чупиќ, кој не крие дека ужива во животот во Скопје и би можел да постигне договор за останување со новата управа. Нема никакви шанси тоа да се случи со Кристијан Дисингер, откако Германецот меѓу првите се пожали на беспарица, не криејќи дека летово ќе ги смени клупските бои.

Една работа е повеќе од јасна – Вардар каков што го знаевме, со највисоки амбиции во Лигата на шампионите, делува како „научна фантазија“, барем во наредната сезона.

Се вчитува...