Ќе преживее ли Анчелоти на клупата на Баерн?

Германскиот првак Баерн Минхен влезе во сериозна резултатска криза, откако синоќа загуби убедливо (3-0) од Пари Сен Жермен на „Паркот на принцовите“. Претходно, баварскиот клуб од готово направи вересија и во Бундес-лигата ремизирајќи дома (2-2) со Волфсбург иако имаше водство од 2-0, па секако на удар е тренерот Карло Анчелоти. Германските медиуми веќе наголемо шпекулираат дека Италијанецот нема да го преживее ниту Октоберфест на клупата на Баерн.

А Анчелоти е сепак смирен, или барем така делува, велејќи дека е навикнат притисокот да се крши на негови плеќи.

„Кога не му оди на тимот, јасно е дека притисокот е на тренерот. Навикнат сум јас на тоа низ мојата кариера“, изјави Анчелоти.

Се чини дека веќе ја нема и потполната доверба во соблекувалната, но Арјен Робен не сакаше јавно да говори на оваа тема.

„Не е сега време за такви разговори. Треба да се држиме сите заедно и да се вратиме на победничкиот колосек“, истакна Робен.

Како најсериозен кандидат за наследник на Карло Анчелоти во Баерн Минхен се споменува Џулијан Нагелсман, младиот стратег кој е на кормилото на Хофенхајм, но и Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул. А Анчелоти со раширени раце го чекаат и во Милан, и во далечната Кина.

Се вчитува...