Ќе знаат ли конечно до победа Беласица или Вардар!? Работнички на „мегдан“ со Академија Пандев

Некогашните големи ривали Беласица и Вардар во уште една пресметка сезонава во обид за конечно триумф на еден од двата тима. По двете ремија со идентични 1-1 од есенскиот дел, Беласица и Вардар денеска во 22. коло од Првата македонска фудбалска лига во нов обид за освојување на три бода.

Сосема е јасно дека триумфот е неопходен и за двете екипи. Беласица ја чека жестока битка за опстанок, а Вардар, пак, мора во континуитет да освојува бодови доколку сака да ја продолжи трката за водечките две позиции на табелата.

„Црвено-црните“ триумф во Струмица немаат од декември 2005 година кога славеа со 0-2, иако јасно е дека од 2007 година па се до оваа сезона и немаа меѓусебни средби поради нисколигашкиот статус на струмичани. Есенскиот дуел на „Младост“ заврши без победник, 1-1. Евгениј Новак погоди за Вардар, а Балдовалиев ги постави конечните 1-1.

Во втората денешна скопско-струмичка пресметка, Работнички на „Филип Втори“ ја пречекува екипата на Академија Пандев.

„Знаеме колку би ни значела победа над Академија Пандев. Тоа е еден од директните дуели за распределба на позициите кои водат во Европа. Подготвени сме на предизвикот, знаеме дека ќе биде тешко, но ќе сториме се за да ги освоиме трите бода. Треба грешките да ги сведеме на минимум и да ја задржиме концентрацијата на максимално ниво. Го респектираме противникот, но и веруваме во своите квалитети“ – вели офанзивецот на „романтичарите“, Баже Илијоски за официјалниот сајт на клубот.

Максимална почит за Работнички носат и во таборот на Академија Пандев…

„Работнички, без нималку претерување, е тим за високи дострели оваа полусезона. Според мене играчки се меѓу два-три најдобри тима во лигата, па затоа ќе треба наш максимален ангажман за да дојдеме до посакуваниот позитивен резултат“ – вели стратегот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски.

ПМФЛ – 22. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Струмица: БЕЛАСИЦА – ВАРДАР

Скопје: РАБОТНИЧКИ – АК. ПАНДЕВ

Тетово: РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – ПОБЕДА

Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

Се вчитува...